Порака од амбасадорот

Published by

on

Почитувани читатели на BMBC,

Ми претставува особено задоволство да се обратам до членоивите на Бордот, членството и сите заинтересирани за активностите и постигнувањата на Белгиско-македонскиот бизнис клуб.

Формирањето на Белгиско-македонскиот бизнис клуб – BMBC, убеден сум дека ќе обезбеди додадена вредност во продлабочувањето на вкупните економски односи, интензивирањето на трговската размена и поттикнување на нови инвестиции и потенцијални инвеститори, како и збогатување на соработката и активностите во туризмот. Таквиот ангажман обезбедува економски бенефит за сите страни, но, што е позначајно, ги зближува уште повеќе граѓаните на нашите две пријателски држави, Северна Македонија и Белгија. 

Со формирањето на BMBC, се збогатува постојната рамка и капацитет за унапредување на економската соработка меѓу двете држави. На двете страни постојат повеќе економски субјекти-институции кои посветуваат внимание за развој на односите и поттикнувње на потенцијалните инвеститори. Но, постоењето на Бизник клуб од овој вид, можеби најпрецизно ќе ги идентификува и насочи интересите, стремежите, па и проблемите за успешна реализација на постојните и идни проекти, бидејќи носител на активностите се самите заинтересирани компании, со што и тие самите најлесно и прецизно ќе ги канализираат активностите и потребите.

Во Северна Македонија, како докажана дестинација за економските оператори и инвеститори, држава која е кандидат за полноправно членство во Европската унија и веќе земја-членка на НАТО, која географски претставува одлична можност за водење на деловна соработка и проекти, има веќе неколку белгиски компании и инвестиции кои се етаблирани, и кои согласно самите претставници на компаниите се задоволни од досегашната соработка. Без да правам разлика помеѓу компаниите, но како прва поголема инвестиција од Белгија, секако би сакал да го посочам работењето и искуствата на производителот на автобуси Van Hool, кој веќе повеќе години успешно работи и го развива својот капацитет во Скопје. Тој претставуваше иницијална каписла за неколку други компании кои денес, исто така, се етаблирани во Северна Македонија и кои придонесуваат за наша промоција како добра дестинација за деловна соработка и инвестирање, тренд кој верувам ќе продолжи и во иднина. Белгија за нас, е не само држава пример во процесот на нашите европски и евроатлантски интегративни процеси, туку и земја која се истакнува со своите економски и технолошки постигнувања и квалитети, за што сите стремиме. Во тој контекст, би требало да се чувствуваме дополнително мотивирани во нашиот индивидуален ангажман. За белгиските членови пак на BMBC очекувам дека, со потребниот и неопходен ентузијазам, ќе помогнат во остварување на ваквите заеднички цели.

Верувам дека за сите нас примарен интерес е постигнување на заедничките цели, за што ќе продолжиме да се заземаме. Тоа е интерес како за нашите граѓани така и за државните надлежни институции како нивни репрезентанти, но и за самите компании.

Посакувам успешна работа на раководниот тим и на целиот BMBC и неговите членки. Секако, помошта на државата и институциите нема да изостане, напротив преку соработка ќе го обезбедиме потребниот придонес за заеднички успех на сите проекти.

Со почит,

Методија Белевски

Амбасадор на Република Северна Македонија

во Кралството Белгија и Големото Војводство Луксембург

Leave a comment