Добри деловни резултати се постигнуваат кога луѓето, процесите и технологијата работат во иста насока.
Токму оваа корелација беше во фокусот на презентацијата на Аврам Стојчевски, генерален директор на VDL Бус Macedonia, на 18-тата годишна конференција „Под капата на ЧР-Моделирање на промените за создавање вредност“, организирана од страна на Македонска асоцијација за човечки ресурси. Стојчевски сподели практични согледувања за усогласувањето на човечките ресурси (HR) со оперативните показатели за успешност (KPI), како и за улогата на вештачката интелигенција (AI) во современото работење на компанијата.
HR и Operations: заеднички цели, заедничка одговорност
Во многу организации, HR и одделот за производство се фокусираат на различни показатели.
HR следи показатели како флуктуација на вработените, времето потребно за вработување, часовите за обука и задржувањето на талентите. Од друга страна, оперативниот сектор се фокусира на продуктивноста, квалитетот, обемот на производство, ефикасноста и трошоците. Иако овие показатели изгледаат различно, тие се тесно поврзани.
Недостигот од соодветни вештини може да ја намали продуктивноста. Недоволната обука може да влијае врз квалитетот. Високата флуктуација може да доведе до губење на искуство, дополнителни трошоци за вработување и подолг период потребен за оспособување на новите вработени. Затоа, HR не треба да функционира изолирано од оперативните процеси, ниту одделот за производство треба да ги разгледува резултатите без да ги земе предвид луѓето што ги постигнуваат.
Кога HR и производство ги усогласуваат своите цели, човечките ресурси стануваат дел од решението за оперативните предизвици.
Продуктивноста и квалитетот започнуваат со луѓето
Еден од клучните предизвици во производството кој го истакна Стојчевски е одржувањето стабилна продуктивност и квалитет во услови на променлива побарувачка, според искуството од неговото 14- годишно раководење на компанијата во Скопје.
Стојчевски ја нагласи важноста на долгорочното планирање на работната сила, континуираната обука и задржувањето на клучните вработени, бидејќи според него не е доволно само да се пополни работното место. Важно е да се препознае потенцијалот на кандидатите, нивниот однос кон работата и нивната подготвеност да учат. Исто така, лидерството има суштинска улога. Добриот лидер не се фокусира само на резултатите, туку ги разбира и причините што стојат зад нив.
Вештачката интелигенција како поддршка за подобри одлуки
Вештачката интелигенција несомнено отвора нови можности за компаниите што сакаат да ги подобрат своите процеси и да донесуваат одлуки врз основа на податоци.
Во HR, AI може да помогне во анализата на пријавите за работа, идентификувањето потенцијални кандидати и предвидувањето на потребите од работна сила. Во оперативното работење, може да придонесе за анализа на податоците, предвидување на одредени потреби и откривање можности за подобрување на ефикасноста. Но, Стојчевски потенцираше дека овие можности доаѓаат и со одговорност. Резултатите од AI зависат од податоците и начинот на кој системите се дизајнирани и користени- ако постојат отстапувања во податоците или алгоритмите, тие можат да влијаат врз резултатите. Затоа, автоматизираните анализи не треба да се прифаќаат некритички.
Човечката процена, критичкото размислување и разбирањето на меѓучовечките односи беа истакнати како неопходни, особено кога станува збор за одлуки што влијаат врз вработените. AI треба да ги поддржува луѓето во нивната работа, но не и да ја отстранува одговорноста за донесување квалитетни и правични одлуки.
Заедно кон поефикасна и поодржлива организација
Една од најважните пораки од презентацијата на Аврам Стојчевски е дека HR, оперативниот, односно производниот оддел и вештачката интелигенција треба да функционираат како поврзани делови од една целина.
Кога овие три елементи функционираат заедно, компанијата може подобро да ги поврзе потребите на работната сила со производствените цели, да ги насочи ресурсите кон најважните приоритети и да ги користи технологиите како поддршка за поефикасно работење.
За VDL Бус Македонија, оваа перспектива ја истакнува важноста на луѓето, континуираното подобрување и приспособувањето кон промените во производствената индустрија. Технологијата може да ни помогне да обработиме повеќе податоци, да откриеме трендови и да заштедиме време. Но, вистинската вредност за компанијата е кога тие сознанија се претвораат во подобри одлуки и конкретни подобрувања.

AI може да ги анализира податоците, но луѓето ја движат компанијата.
Токму затоа, заклучи Стојчевски, одржливиот успех не зависи само од технологијата или од бројките, туку од способноста на луѓето да соработуваат, да учат и заеднички да ги остваруваат целите на организацијата.


Leave a Reply